Сите останале вчудовидени откако бил испечатен официјалниот изборен плакат од кој можело да се забележи дека останатите двајца кандидати отишле чекор подалеку и во целост го смениле својот имиџ, за што повеќе да личат на вистинскиот Борис Вишњевски. Сите се проќелави, со седа коса и со козја брадичка. Единствената разлика е во тоа што оригиналниот Вишњевски се фотографирал со вратоврска
По теркот измислен за парламентарните избори во Македонија во 2008 година, во Русија, на претстојните локални избори во Санкт Петербург, според претпоставките, власта ја користи истата, дури и надградена манипулација на гласачите.
Станува збор за злоупотреба на идентитетот на одредени лица, кои за одреден надомест или од идеолошки причини се решаваат да ги сменат своите генералии и да имаат исто име и презиме со кандидатот на опозицијата. Во Македонија, тогашната владејачка партијата СДПМ на Бранко Јаневски, на изборите, за носители на листите определи лица кои имаат слични или исти имиња или презимиња како носителите од кандидатската листа на опозициската СДСМ.

Така, на Јани Макрадули од СДСМ му се спротистави Јанис Макрис од СДПМ. На Радмила Шеќеринска противкандидатка и беше Рада Шеќерова, на Зоран Заев – Зоран Зашев итн. Ефектот беше постигнат и минорната СДПМ не освои ниту еден мандат, но на контото на СДСМ недостигаа неколку илјади гласови, со оглед дека партијата на Јаневски стаса до за нив фантастични 6 406 гласа. Сличен обид имаше и на изборите во 2016 година. Но, ДИК ја отфрли листата на кандидати на СДПМ.
ОРИГИНАЛНИОТ БОРИС ВИШЊЕВСКИ ИМА ДВЕ КОПИИ
Според опозицискиот портал Медуза, двојни кандидати за московската Дума се појавиле во најмалку три дистрикти на главниот град на Русија, но случајот од Санкт Петербург е за аналите.
Борис Вишњевски, кандидат на опозициската либерална партија „Јаблоко“, на изборите за свои противници ќе има уште двајца двојници. Тие не само што го имитираат со името и презимето, туку се чини дека го менувале и својот изглед, пренесува Гардијан.

Фото: Olga Maltseva/Afp/Profimedia
Сите останале вчудовидени откако бил испечатен официјалниот изборен плакат од кој можело да се забележи дека останатите двајца кандидати отишле чекор подалеку и во целост го смениле својот имиџ, за што повеќе да личат на вистинскиот Борис Вишњевски. Сите се проќелави, со седа коса и со козја брадичка. Единствената разлика е во тоа што оригиналниот Вишњевски се фотографирал со вратоврска.

„Ова е вистинска политичка измама. Вакво нешто никаде не постои. Ова е направено за да ги збуни бирачите и тие да не знаат кој е вистинскиот и да му го дадат гласот на некој од лажните Вишњевски. Можно е во изборната комисија која го објави плакатот да доставиле фотошопирани фотографии. Не знам што им е мотивот ама не верувам дека некој би се согласил на ваков блам во јавноста без да добие надомест“,
вели оригиналниот Вишњевски.
Рускиот весник Новаја Газета прв го објавил идентитетот на еден од двојниците. Станува збор за Виктор Биков, кој своето име го сменил на 3 јули, а до неодамна имал бујна коса и изгледал далеку помладо од фотографијата која ја доставил до изборната комисија.
Вториот противкандидат, пред да стане Борис Вишњевски, се викал Алексеј Шмелев. Работи како комерцијалист во фабрика во Санкт Петербург.