Украинското воздухопловство, пак, објави дека во текот на изминатата ноќ биле уништиле над 20 дронови со кои руските сили го нападнале Киев

Шест дронови се соборени во близина на Москва изминатата ноќ, тврдат руските власти префрлајќи ја одговорноста на Украина.
Според Министерството за одбрана на Русија, шесте украински дронови се уништени во регионот Калуга, југозападно од Москва.
„Синоќа беше спречен обид на режимот во Киев да изврши терористички напад со беспилотни летала над територијата на регионот Калуга“,
соопшти Министерството на Телеграм додавајќи дека нема информации за жртви и материјална штета.
Украина засега нема официјален коментар.
Претходно, Русија обвини дека украинската страна лансирала три дронови кон Москва во вторникот и тогаш советник на украинскиот претседател, потсетува Си-ен-ен, рече дека тие напади се знак дека рускиот главен град „се навикнува на целосна војна“.
Додека Кремљ обвинува за напади од Украина, во текот на изминатата ноќ мета на руските сили беше Киев. Украинското воздухопловство соопшти дека за време на тричасовната тревога за воздушен напад во Киев биле уништени 20 руски дронови.
Градската управа на Киев соопшти дека ова е осми ден по ред откако Русија лансира дронови кои ги набавува од Иран.