Московскиот градоначалник изјави дека имало обид за напад врз градот и оти е оштетен еден објект. Откажани или одложени се околу 50 лета од аеродромите кај Москва
Руското Министерство за одбрана тврди дека рано утрово собориле најмалку три дрона лансирани од Украина, а кои биле насочени кон главниот град Москва.
Според соопштението од Министерството, две од беспилотните летала биле соборени над регионите Калуга и Твер кои се граничат со московскиот регион, како и уште еден дрон поблиску до Москва односно над областа Истра.
Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин изјави дека дроновите се обиделе да извршат напад врз Москва и оти бил оштетен еден објект во Истра, кој се наоѓа на околу 65 километри од Кремљ, додека други штети или жртви нема.
Руските медиуми објавија и дека поради нападите речиси 50 лета биле откажани или одложени денеска наутро од четири главни аеродроми околу главниот град – „Внуково“, „Домодедово“, „Шереметјево“ и „Жуковски“.
Нападите со беспилотни летала на руски цело, особени на Крим кој беше анектиран од Москва во 2014 година, станаа речиси секојдневна појава откако за првпат два дрона беа уништени над Кремљ.