Градоначалникот на Харков објави дека се убиени најмалку 21 лице, додека за Житомир украинскиот заменик-министер за внатрешни работи посочи дека загинале најмалку четири цивили
Борбите помеѓу руските и украинските сили продолжија и во текот на ноќта, а руското Министерство за одбрана соопшти дена нивните војници го зазеле градот Херсон кој се наоѓа на јужниот дел од Украина.
Во текот на ноќта претходно, медиумски извештаи за состојбата од овој град говореа дека руски војници биле видени на улиците во Херсон, а градоначалникот изјави дека Русите ги зазеле железничката станица и пристаништето.
Во Харков и Житомир, пак, има пријави за загинати.
Според градоначалникот на Харков, кој е втор најнаселен град во Украина, во руското гранатирање загинале најмалку 21 лице, а 112 се ранети, пренесе Би-би-си.
Сепак, регионалниот гувернер Олех Синегубов посочи дека сите руски напади биле одбиени и оти и покрај силното гранатирање, украинските сили успеале да ги задржат позициите.
Украинското Министерство за внатрешни работи објави дека има жртви и во градот Житомир, кој се наоѓа на 120 километри западно од Киев. Во руски ракетен напад во текот на ноќта, според тамошното МВР, загинале најмалку двајца цивили.
Цел на гранатирањето била воздухопловната база во Житомир, но биле погодени и околните станбени куќи.
Советникот во украинското МВР, Антон Герашченко, пак, посочи дека бројот на жртви е поголем објавувајќи бројка од најмалку четири загинати цивили.