Граѓаните на Финска кои живеат на границата со Русија уште од почетокот на летото предупредуваат на големи пламени јазици кои доаѓаат од Портоваја, северозападно од Санкт Петербург, а научниците предупредуваат дека огромната количина јаглерод диоксид што се испушта во воздухот дополнително ќе влијае на климатските промени
Цените на енергијата вртоглаво пораснаа, а Русија согорува огромни количини природен гас на границата со Финска, пишува Би-би-си.
Постројката во близина на границата со Финска секојдневно согорува гас вреден дури 10 милиони долари. Но, не е само прашање на цената на гасот. Научниците се загрижени дека огромната количина јаглерод диоксид и саѓи произведени од согорувањето на гасот дополнително ќе го влоши топењето на мразот на Арктикот.
Анализата на „Ристад енерџи“, независна консултантска компанија за енергетика, покажува дека секој ден се согоруваат 4,34 милиони кубни метри гас.
Граѓаните на Финска кои живеат на границата со Русија уште од почетокот на летото предупредуваат на големи пламени на хоризонтот кои доаѓаат од новата фабрика за ЛНГ во Портоваја, северозападно од Санкт Петербург. Инаку, Портоваја се наоѓа во близина на компресорската станица на самиот почеток на гасоводот „Северен тек 1“ кој пренесува гас во Германија.
За потсетување, снабдувањето преку „Северен тек 1“ е ограничено од средината на јули, што Русите го оправдуваат со „технички проблеми“. Сепак, јасно е дека се работи за политички потег на Кремљ, кој на овој начин ја казнува Европа за воената и економската помош за Украина, пишува Би-би-си.
Иако согорувањето гас е најнормална појава во погоните за преработка – обично од технички и безбедносни причини – обемот на ова согорување ги зачуди експертите.
„Никогаш не сум видела фабрика за ЛНГ да согорува толку многу гас. На почетокот на јуни регистриравме огромни пламени јазици кои едноставно не исчезнуваат и остануваат ненормално високи“,
предупредува Џесика Мекарти, експерт за сателитски податоци на Универзитетот во Мајами во Охајо.
Аналитичарите се согласуваат дека палењето во никој случај не било случајно и дека одлуката за согорување на гасот најверојатно била донесена од оперативни причини.
„Операторите на гас честопати не сакаат да ги затворат погоните поради страв дека рестартирањето би можело да биде технички тешко или скапо, а тоа веројатно е случај и сега“,
рече Марк Дејвис, извршен директор на „Каптерија“, компанија специјализирана за ефикасно согорување гас.
„Газпром“, сопственикот на објектот каде што се согорува гасот, во меѓувреме, не одговори на барањата за коментар за палењето на толкави количини гас, но се претпоставува дека одлуката е донесена во согласност со трговското ембарго на Русија.
„Можеби некои вентили се скршени и не можат да се заменат, па поради трговското ембарго тие не се во можност да произведат висококвалитетни вентили потребни за преработка на нафта и гас“,
коментира Еса Вакилаинен, професор по енергетско инженерство од финскиот универзитет ЛУТ.
Во „Ристад енерџи“ велат дека ова е потсетување на доминацијата на Русија на европскиот енергетски пазар и додаваат дека, ако сака, земјата може уште утре да ги намали цените на енергијата.
Во меѓувреме цените на гасот во Европа непрестајно растат, а експертите предупредуваат дека тие оваа зима може да достигнат и 4 000 долари за 1 000 кубни метри гас.