Реката Дунав стана главна рута по која Украина извезува жито откако пропадна договорот постигнат со посредство на Обединетите нации во јули
Русија рано утрово извршила напад со дронови во траење од три и пол часа врз јужните делови на регионот Одеса погодувајќи пристаниште на реката Дунав и повредувајќи најмалку две лица, соопшти Киев, пренесува Ројтерс.
Украинските воздухопловни сили преку апликацијата Телеграм соопштија дека успеале да соборат помеѓу 22 и 25 ирански дронови што ги користи Русија. Исто така, се тврди и дека најмалку двајца граѓани се повредени во нападот врз „цивилна инфраструктура на Дунав“.
Реката Дунав стана главна рута по која Украина извезува жито откако пропадна договорот постигнат со посредство на Обединетите нации во јули, кој му дозволуваше на Киев да испорачува жито преку Црното Море.
Во врска со нападот од утрово, сè уште нема официјални детали кој пристаништен објект бил погоден од руските сили. Дел од украинските медиуми јавија дека експлозии се слушнале во пристаништето Рени, кое е едно од двете најголеми на Дунав со кои располага Украина.