Трамп постојано се закануваше дека ќе ја преземе сопственоста на оваа клучна поморска трговска рута, која Америка ѝ ја отстапи на Панама во 1977 година, нарекувајќи ја витална за американските интереси и не ја отфрли можноста за употреба на воена сила за да ја постигне својата цел
Русија денеска му се закани на новиот американски претседател Доналд Трамп ни случајно да не помисли да ја преземе контролата над Панамскиот Канал.
Трамп постојано се закануваше дека ќе ја преземе сопственоста на оваа клучна поморска трговска рута, која Америка ѝ ја отстапи на Панама во 1977 година, нарекувајќи ја витална за американските интереси и не ја отфрли можноста за употреба на воена сила за да ја постигне својата цел.
Тој повторно го спомна Панамскиот Канал во својот инаугуративен говор вчера велејќи:
„Американските бродови се сериозно прескапи… И пред сè, Кина управува со Панамскиот Канал, а ние не ѝ го предадовме на Кина, туку ѝ го дадовме на Панама, и ние ќе го вратиме“.
Сепак, руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Панамскиот Канал законски ѝ припаѓа на Панама и ги предупреди САД да не се обидуваат да го вратат, ниту преку воена ниту со економска принуда.
„Очекуваме дека за време на очекуваните разговори меѓу раководството на Панама и американскиот претседател Доналд Трамп за прашањата за контрола над Панамскиот Канал, страните ќе го почитуваат сегашниот меѓународен правен режим на овој клучен воден пат“,
изјави Александар Шчетинин, директор на вработувањата во одделот за Латинска Америка во руското Министерство за надворешни работи, пренесуваат руските државни медиуми.
Панамскиот Канал е од клучно значење за американската трговија
„Русија ја потврдува својата посветеност на одржување на постојаната неутралност на Панамскиот Канал залагајќи се за одржување на овој меѓународен транзитен воден пат безбеден и отворен“,
рече Шчетинин додавајќи дека САД немаат право да се мешаат во внатрешните работи на Панама.
Инаку Русија, од своја страна, започна целосна инвазија на соседна Украина во зимата 2022 година.
Панамскиот Канал ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан и е еден од најважните трговски патишта за САД, со околу 40 отсто од сите американски контејнерски бродови кои минуваат низ него.
Првичната закана на Трамп за каналот минатиот месец наиде на остра осуда од панамскиот претседател Хозе Раул Мулино.
„Како претседател, сакам јасно да кажам дека секој квадратен метар од Панамскиот Канал и неговата поврзана зона ѝ припаѓа на Панама и така ќе остане“,
рече Мулино.
