„Не можеме да гарантираме мир за една недела или еден месец. Не можеме да поставиме временска рамка, зашто тоа не зависи од нас. Тоа зависи од Русите и од Украинците. Но, тоа зависи и од нашите партнери во Европа, кои ќе треба да се земат предвид како дел од каков било конечен договор“, реече државниот секретар на САД
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека Русија се согласува на прекин на огнот, но под услови што треба да се анализираат, пренесува Ројтерс.

„Тие се среќаваат со нас. Разговараат со нас. Даваат предлози. Се согласуваат на прекин на огнот, но со услови што треба да ги анализираме. И никогаш не реков дека ќе биде лесно“,
рече тој на брифинг со новинарите, коментирајќи го процесот на постигнување договор.
Соединетите Американски Држави (САД), според него, ќе ги проценат барањата на Русија откако Москва „начелно“ се согласи на прекин на огнот со Украина во Црното Море со посредство на САД за да се овозможи безбедна пловидба.
„Се обидуваме да постигнеме мир. Посветени сме на обидот да постигнеме мир онолку долго колку што е потребно. Не можеме да гарантираме мир за една недела или еден месец. Не можеме да поставиме временска рамка, зашто тоа не зависи од нас. Тоа зависи од Русите и од Украинците. Но, тоа зависи и од нашите партнери во Европа, кои ќе треба да се земат предвид како дел од каков било конечен договор“,
кажа Рубио.
Подготвеноста за договор, како што рече, ќе се тестира кога ќе дојде времето за потпишување на документот.
„Но, сè уште не сме во таа фаза“,
рече тој.
Соединетите Држави објавија посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба, да се запрат нападите и да се спречи употребата на комерцијални бродови за воени цели.