Како и во текот на вчерашниот ден кога руската армија навлезе во северниот дел на Украина, кај градот Харков, така и денеска продолжуваат битките за зачувување на линијата на фронтот. По отворањето на новиот фронт, од САД пристигнаа информации дека за Украина се обезбедени дополнителни 400 милиони евра воена помош
Во синоќешниот напад на складиште за нафта во градот Ровенка, во областа Луганск во украински напад загинаа три лица а седуммина завршија со повреди. На северот пак, во рускиот град Белгород се повредени осум лица, соопштија локалните власти.
„Руските сили за воздушна одбрана собориле неколку цели на приодот кон Белгород, а според првичните информации, осум цивили се повредени“,
изјави началникот на областа Вјачеслав Гладков.
Додека Украина се обидува да онеспособи што е можно поголем дел од критичната инфраструктура на руската армија, борбите се интензивираат по новата линија на фронтот во северниот дел во земјата, во Харковскиот регион. Генералштабот на Украина соопшти дека Русите се обидуваат да извршат офанзива со која би напреднале длабоко во територијата, но украинските сили дејствуваат на подготвени одбранбени линии. Поради овие руски напади, голем дел од населението на пограничниот град Вовчанск биле евакуирани во текот на ноќта.
„Во тек се борби и за населени места во граничната зона, кои всушност беа во сивата зона – Стрелечја, Пиљноје и Борисовка, како и во областите Олејниково и Огирчево, се вели во соопштението“,
се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб.
Оптимистички најави за Киев пристигнаа од САД откако беше објавено дека земјата ќе обезбеди нов воен пакет помош за Украина во вредност од 400 милиони долари, кој вклучува и ракет со дострел до 300 километри. Од претходно е познато дека Вашингтон ќе обезбеди и ракетни артилериски системи HIMARS, оклопни транспортери Bradley, високопрецизни ракети за авијација и друго оружје.
„Новиот значаен пакет оружје и воена техника треба да го подржи храбриот украински народ за заштита на својата земја од руската агресија. Соединетите Држави и коалицијата продолжуваат да стојат на страната на Украина за заштита на нејзината слобода“,
изјави државниот секретар Ентони Блинкен.
Ова е веќе трет пакет помош за Украина од 24 април кога претседателот на САД Џо Бајден го потпиша Законот за доделување на воена помош за Украина во износ од 61 милијарда долари.