Предлогот го соопшти шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кој рече дека на овие разговори, доколку се одржат, Москва ќе достави меморандум во кој ќе бидат наведени нејзините услови за траен мировен договор
Официјална Москва денеска предложи нова, втора рунда директни разговори со Украина, а која според предглогот би се одржала на 2 јуни во Истанбул, објави АФП.

Предлогот го соопшти шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кој рече дека на овие разговори, доколку се одржат, Москва ќе достави меморандум во кој ќе бидат наведени нејзините услови за траен мировен договор.
„Нашата делегација, предводена од (Владимир) Медински, е подготвена да го презентира овој меморандум на украинската делегација и да ги даде потребните објаснувања за време на втората рунда директни преговори што продолжуваат во Истанбул на 2 јуни“,
рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Засега нема одговор од Киев во врска со предлогот.
За посетување Владимир Медински ја предводеше руската делегација на преговорите меѓу двете страни што се одржаа во Истанбул на 16 мај. Тоа беа првите директни мировни разговори меѓу Киев и Москва од пролетта 2022 година, откако Русија кон крајот на февруари ја нападна Украина.
Разговорите на 16 мај во Истанбул не резултираа со голем пробив во наоѓањето дипломатско решение за конфликтот, но двете страни се обврзаа на размена на затвореници 1 000 за 1 000, што беше завршена минатиот викенд.
Претходно денеска, Кремљ го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за трилатерален самит со неговите колеги од Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, со цел да се унапредат мировните преговори.
Денеска новинската агенција Ројтерс повикувајќи се на три руски изводи запознаени со преговорите, објави дека рускиот претседател Владимир Путин има пет услови за прекин на војната во Украина. Во дел од нив, според информациите, се бара западните лидери писмено да се обврзат дека ќе го запрат ширењето на НАТО кон исток и да укинат дел од санкциите врз Русија.