Русија е главен извозник на природен гас, а Узбекистан и Казахстан произведуваат приближно онолку колку што трошат. Двете земји се поврзани со гасовод со Русија, а низ двете поминува посебен гасовод на пат кон Кина
Русија разговара за потенцијална „гасна унија“ со Казахстан и Узбекистан со цел да го зголеми снабдувањето со гас меѓу трите земји и да им го понуди на други клиенти, вклучително и Кина, јавија денеска некои руски медиуми цитирајќи го рускиот вицепремиер Александер Новак.
Новак не објаснил што ќе значи гасната унија ниту во која фаза се разговорите. Портпаролот на казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин му ја предложил идејата на Токаев на состанокот во понеделникот, но ниту тој не соопшти никакви детали.
Русија е главен извозник на природен гас, а Узбекистан и Казахстан произведуваат приближно онолку колку што трошат. Двете земји се поврзани со гасовод со Русија, а низ двете поминува посебен гасовод на пат кон Кина.
Но, двата гасоводи главно црпат гас од Туркменистан, додека Казахстан и Узбекистан никогаш не пријавиле транзитни испораки на руски гас до Кина или која било друга земја.