Покрај „Хајнекен“, и брендот „Пепси-кола“ по 60 години објави дека повлекува дел од своите производи од оваа земја
Откако „Мекдоналдс“, „Старбакс“ и „Кока-кола“ одлучија да ги затворат своите локали и да прекинат продажба на своите продукти во Русија, сега и холандскиот производител на пиво соопшти дека ги запира продажбата, производството, како и рекламирањето на „Хајнекен“ во таа држава.
Во денешното соопштение се наведува дека компанијата ги проценува стратегиските опции за иднината на нивните руски операции.
„Гледаме јасна разлика меѓу постапките на владата и на нашите вработени во Русија. Повеќе од 20 години, нашите локални вработени се ценети членови на нашиот бизнис. Поддршката на нашите вработени и нивните семејства е јасен принцип додека го дефинираме патот напред“,
пишува во соопштението.
„Хајнекен“ информираше и дека ќе ги засили поддршката и донациите за невладини организации што оперираат во Полска, Унгарија, Романија, Словачка.
Покрај „Хајнекен“, и брендот „Пепси-кола“ по 60 години објави дека повлекува дел од своите производи од оваа земја.
„Како што знаете, ние опериравме во Русија повеќе од 60 години. ‘Пепси-кола‘ влезе на рускиот пазар на врвот на Студената војна и помогна да се поврзат САД и Советски Сојуз. Сепак, имајќи ги предвид ужасните настани во Украина, привремено ја запираме продажбата на ‘пепси-кола‘, ‘7ап‘ и ‘миринда‘ во Русија“,
соопшти „Пепси-ко“.