„КовиВак“ се дава во две дози во временски период од 14 дена. Се транспортира и се чува на нормална температура на ладилник од два до осум Целзиусови степени
Во Русија веќе се регистрирани две вакцини за коронавирус – „Спутник В“ и „ЕпиВак“ и во обата случаи, тие се одобрени пред да завршат последните клинички испитувања
Русија ја одобри и третата вакцина за домашна употреба, објави денеска премиерот Михаил Мишустин за државната телевизија.
Се работи за „КовиВак“ произведена од Центарот Чумаков за која иако масовните клинички испитувања сè уште не се започнати.

„Денес Русија е единствената земја во светот со три свои вакцини против ковид-19“,
рече Мушустин.
Во Русија веќе се регистрирани две вакцини за коронавирус – „Спутник В“, развиена од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија од Гамалеја на руското Министерство за здравство и „ЕпиВак“ од Државниот истражувачки центар за вектор за вирусологија и биотехнологија во Новосибирск.
И во обата случаи, Русија ја одобри вакцината пред да завршат последните клинички испитувања, што предизвика сомнежи за ефикасноста кај некои западни експерти.
„Спутник В“ доби зелено светло во август лани, а третата фаза на клинички испитувања започна во септември. Масовната вакцинација започна во декември, а прелиминарните резултати покажаа дека вакцината е ефикасна 91,4 проценти.
Досега повеќе од два милиони Руси се вакцинирани со првата доза на „Спутник В“.
Воведувањето на другата вакцина, „ЕпиВак“ штотуку започнува.
Што ново нуди „КовиВак“?
За разлика од „Спутник В“, кој користи модифициран безопасен вирус за да предизвика организмот да произведе антиген и да му помогне на имунолошкиот систем да се бори против инфекцијата со коронавирус, „КовиВак“ е вакцина која го содржи целиот вирус кој е онеспособен, односно е лишен од каква било можност за размножување.
„КовиВак“ се дава во две дози во временски период од 14 дена. Се транспортира и се чува на нормална температура на ладилник од два до осум Целзиусови степени.
Центарот Чумаков, основан во 1955 година во Санкт Петербург од Михаил Чумаков, е познат по соработката со американскиот научник Алберт Сабин во времето на Студената војна, што резултираше со развој на вакцина против детска парализа.