Воздушниот напад на Лавов го потврди и градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј кој кажа дека гранатирањата можеби се со цел да се испрати порака до американскиот претседател Џо Бајден со оглед дека тој денеска се наоѓаше во Полска, а Лавов се наоѓа на 70 километри од полската граница
Нуклеарниот истражувачки центар во Харков, вториот по големина град во Украина, е погоден од руското гранатирање, соопштија украинските власти, пренесе „Киев индипендент“ кој го пренесоа и западните медиуми.
Поради постојаните бомбардирања во оваа област на североистокот од земјата, властите досега не успеале да ја проценат штетата од нападот на нуклеарниот истражувачки центар.
Од почетокот на инвазијата, Русија е постојано мета на критики дека ги напаѓа нуклеарните централи во Украина, како што беше случајот со централата во Запорожје на југоистокот во државата.
Додека Харков и претходно беше цел на нападите на руските сили, градот Лавов барем досега важеше за релативно безбедно место на западот на Украина, каде се сместени голем број хуманитарни работници, волонтери, новинарски екипи. Меѓутоа, тоа време можеби и заврши, анализираат западните медиуми.
За потсетување, попладнево во градот се вклучија сирените како предупредување за воздушен напад, а набргу потоа се слушнаа и три силни експлозии по што на периферијата од градот можеше да се забележи како се крева црн чад на небото над Лавов. Неколку часа подоцна, имаше и нов напад.
Сето ова се случи само еден ден откако Русија соопшти дека инвазијата ќе ја фокусира на истокот на Украина каде се наоѓаат сепаратистичките областа, што е на сосема спротивната страна од Лавов кој се наоѓа на западот.
Воздушниот напад го потврди и градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј. Со оглед дека Лавов се наоѓа во близина на полската граница, тој вечерва кажа и дека можеби гранатирањата биле направени за да се испрати порака до американскиот претседател Џо Бајден кој престојуваше во Полска каде имаше средби со украинските бегалци и шефот на дипломатијата на Украина.
„Мислам дека со денешните напади, агресорот му испраќа поздрав на претседателот Бајден, кој сега е во Полска. Лавов е оддалечен 70 километри од Полска“,
рече Садовиј кој зборуваше на заеднички брифинг со шефот на воената цивилна администрација на градот.
Во нападот на Лавов, според украинските власти, биле погодени два критични инфраструктурни објекти – складиште за нафта и воена фабрика кои се наоѓаат во населени области. Од гранатирањето немаше загинати, но пет лица беа ранети.
Photo: EPA-EFE/Wojtek Jargilo POLAND OUT