Според проценките, повеќе од 2 500 лица од украинска страна сега се воени заробеници
Безбедно враќање на украинските заробеници кои се во рацете на Русија е единствениот резултат кој е прифатлив за Володомир Зеленски, порача денеска украинскиот претседател во однос на војниците кои ја бранеа фабриката за челик „Азовстал“ кај Мариупол, а сега се во рацете на руските сили.
Зборувајќи пред новинарите, Зеленски рече ѝ верува на управата за разузнавање при Министерството за одбрана и оти само враќање на заробениците дома е единственото нешто што тој би прифатил.
Според проценките, по преземањето на контролата, повеќе од 2 500 лица од украинска страна сега се воени заробеници.
На брифингот за медиумите, Зеленски зборуваше и за ситуацијата во Северодонецк и Лисичанск, кои се регионите каде се водат најжестоките битки. Овие градови, тој ги оцени како мртви, но вели дека сепак украинските сили се обидуваат да издржат.
„Ние издржуваме, но има повеќе од нив и тие се посилни“,
вели украинскиот претседател.
Пад на Северодонецк под руска контрола би значело дека Москва ќе го контролира речиси целиот регион на Луганск кој, пак, го сочинува половина од реонот на Донбас.