Претходно, во интервју за Скај њуз, украинскиот претседател го повика својот американски колега Доналд Трамп да заземе јасна позиција кон Русија, која би вклучила санкции кон Москва и безбедносни гаранции за Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи соопшти дека во текот на месецов Русија истрелала повеќе од 3 500 беспилотни летала и речиси 190 ракети кон Украина.

„Исто така, имаше провокации и против нашите партнери“,
напиша тој на платформата Икс осврнувајќи се на неодамнешните руски упади со беспилотни летала во Полска и Романија, што беше повод НАТО да ги зајакне позициите на своето источно крило.
Според украинскиот претседател, токму ваквиот вид „воздушен терор“ е она поради што Киев повикува на заедничка одбрана, за да не мора никој, вели Зеленски, да интервенира со борбени авиони и да го чувствува притисокот на Русија врз своите граници.
„Сега е време да се спроведе заедничка заштита на нашето европско небо со повеќеслоен систем за воздушна одбрана. Сите технологии за ова се веќе воспоставени“,
вели украинскиот претседател.
Она што е потребно, додава тој, се инвестиции и решителност, преточени во силна акција.
Зеленски во објавата, исто така, информира за синоќешните руски напади врз регионот Запорожје, во кои, според него, се повредени 13 лица, меѓу кои и две деца. Во областа Николаев, вели тој, е убиено едно лице, по напад врз, како што ја нарече, обична фарма.
In Zaporizhzhia, first responders have completed extinguishing fires after the city was shelled by Russian rocket artillery. They struck deliberately to terrorize our people – 13 were wounded, including two children. Many residential buildings were damaged. In the Mykolaiv… pic.twitter.com/HPJeE4j1ER
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) September 16, 2025
Претходно, во интервју за Скај њуз, украинскиот претседател го повика својот американски колега Доналд Трамп да заземе јасна позиција кон Русија, која би вклучила санкции кон Москва и безбедносни гаранции за Украина.
Според Зеленски, тоа е делот што недостасува за напредок во мировните преговори. Во таа насока тој го повика американскиот претседател да преземе „силни чекори“ за да го запре Путин.
Тој посочил оти се надева дека британскиот премиер Кир Стармер ќе успее да извлече појасни позиции од Трамп кој е на пат за Лондон, во официјална посета на Велика Британија.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио во изјава за новинарите за време на неговата посета на Израел вчера, најави нова средба на Трамп со неговиот украински колега за време на Генералното собрание на Обединетите нации следната недела во Њујорк.
„Тој (Трамп) ќе продолжи да се обидува. Ако мирот е можен, тој сака да го постигне“,
рече Рубио.