Руските власти се подготвени целосно да соработуваат со Германија во случајот на опозиционерот Алексеј Навални, изјави портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, јави ДПА.
„Во целина, потврдуваме дека сме подготвени и заинтересирани за целосна соработка и размена на информации за ова прашање со Германија“,
рече портпаролот Дмитриј Песков во коментар пренесен од Тасс.
Русија претходно одби да спроведе истрага за наводите дека Навални е отруен, бидејќи руските власти соопштуваа дека не се пронајдени цврсти докази за труење.
ДПА пренесува дека Песков денеска во коментарот за државните медиуми го повтори ставот дека пред пациентот да биде пренесен во Берлин, „во нашата земја беа направени широк спектар на тестови, во согласност со сите меѓународни норми, но не беа пронајдени отровни материи“.
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека некој сакал да го замолкне лидерот на руската опозиција, кој е во кома во болница во Берлин.
Германската Влада претходно денеска соопшти дека, врз основа на крвните тестови на Навални, има непобитни докази дека тој бил отруен од нервниот агенс „Новичок“.
На прес-конференција во Берлин Меркел кажа дека за неа е зачудувачка вест обидот за убиство со труење на Навални.
„Алексеј Навални стана жртва на напад со нервниот агенс ‘Новичок’. Во неговите примероци од тестот е потврдено присуството на овој отров и тоа е надвор од какво било сомнение. Некој сака да го замолчи“,
рече германската канцеларка.