Овој потег не претставува непосредна закана за испораката на гас за Полска. Државната компанија за гас соопшти дека нивните подземни складишта за гас се речиси 80 отсто полни
Русија од утре ќе престане да врши испорака на гас во Полска, соопшти полската државна компанија за гас. Компанијата соопшти дека руската енергетска фирма „Газпром“ ја информирала дека сите испораки на гас во земјата ќе бидат прекинати од 8:00 часот по средноевропско време, пренесуваат полските медиуми.
„Газпром“ го оправда потегот со новите правила објавени минатиот месец, според кои „непријателските“ земји мора да плаќаат за гас во рубли, а полската државна компанија за гас одби да го стори тоа.
Оваа компанија се потпира на „Газпром“ за најголемиот дел од увозот на гас и 53 отсто од увозот го купи од руската компанија во првиот квартал од оваа година.
Таа го опиша исклучувањето како прекршување на договорот, додавајќи дека компанијата ќе преземе чекори за да го врати протокот на гас.
Овој потег не претставува непосредна закана за испораката на гас за Полска. Државната компанија за гас соопшти дека нивните подземни складишта за гас се речиси 80 отсто полни, а побарувачката е помала како што се приближува летото.
Полска, исто така, има алтернативни извори на снабдување, вклучително и терминал за течен природен гас (ЛНГ) во Свинојшие. На 1 мај пак, се очекува да се отвори нова гасоводна врска со Литванија, со што Полска ќе добие пристап до гас од терминалот за течен природен гас во Литванија.
Полска, исто така, може да купува гас на европскиот пазар и да го доставува преку гасоводи до Германија и Чешка.