Извор близок до Кремљ во изјава за „Блумберг“ вели дека Москва на документот од 20 точки изготвен од Украина и САД гледа како на почетна точка во натамошните преговори со оглед на тоа што не содржи одредби важни за Русија
Русија ќе бара клучни промени во најновиот мировен план на САД за завршување на војната во Украина, вклучително и дополнителни ограничувања за украинските вооружени сили, вели во изјава за „Блумберг“ извор близок до Кремљ. Тој додава дека Москва на документот од 20 точки изготвен од Украина и САД гледа како на почетна точка во натамошните преговори со оглед на тоа што не содржи одредби важни за Русија.

Меѓу барањата на Русија се гаранции против идно проширување на НАТО на исток, како и статусот на воената неутралност на Украина во случај на нејзино пристапување кон Европската Унија.
Изворот близок до Кремљ кого го цитира „Блумберг“ вели дека иако Москва гледа на сегашниот документ како кон типичен украински предлог, тој ќе биде разгледан „со ладна глава“. Додава дека планот не ги содржи органичувањата што Русија ги бара за повоените вооружени сили и видовите оружје на Киев и не дава јасни гаранции за статусот на рускиот јазик во Украина.
Дополнително, како што рече, Москва очекува јасност во врска со укинувањето на санкциите и за стотиците милијарди долари замрзнати руски државни средства на Запад.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера објави дека се уште постојат разлики меѓу Киев и Вашингтон околу територијалните прашања и управувањето со нуклеарната централа Запорожје, која Русија ја зазеде на почетокот на инвазијата, но додаде дека разговорите значително се доближиле до финализирање на планот.
