Русија ја регистрира верзијата на вакцината против ковид-19, наречена „спутник лајт“, која ќе се дава во една доза, соопшти руското Министерството за здравство, а пренесе Тасс.
Mинатата недела Русија соопшти дека ги завршила клиничките испитувања на „лесната“ верзија на вакцината против ковид-19, најавена како „привремено решение“ за помош на земјите каде што има жаришта на епидемијата.
Москва изјави дека вакцината „спутник В“, која се дава во две дози, ќе продолжи да биде главната вакцина за употреба во Русија. Досега во Русија со двете дози се вакцинирани малку над четири милиони Руси, а други два милиона се вакцинирани со првата доза.
Но, генерално, само околу четири проценти од руското население е вакцинирано, што е заостанување зад стапката на вакцинација во другите земји, како САД или Велика Британија.
Рускиот претседател Владимир Путин (68) беше вакциниран минатиот вторник, но не е познато со која вакцина. Својата одлука да се вакцинира без камери, тој вчера ја образложи со изјавата дека „не сака да се глупира“ пред камерите, но, сепак, тој ги повика Русите да се вакцинираат.
