„Фридом хаус“ во својот извештај за 2024 година ја оцени Русија како „неслободна“, доделувајќи ѝ само 13 поени од можни 100 на Глобалниот индекс на слободата
Руското обвинителство соопшти дека ја прогласило американската невладина организација „Фридом хаус“ за непожелна во Русија. Таа одлука е еднаква на забрана и може да го изложи на ризик од казнување секој кој работи или соработува со организацијата.
„Фридом хаус“ во својот извештај за 2024 година ја оцени Русија како „неслободна“, доделувајќи ѝ само 13 поени од можни 100 на Глобалниот индекс на слободата.

„Откако режимот започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, властите ги зајакнаа ограничувањата на индивидуалните права и слободи за да го задушат домашното несогласување“,
се вели во извештајот.
Рускиот јавен обвинител Игор Краснов на Телеграм напиша дека „Фридом хаус“ е вклучена во промовирањето на таканаречената доминантна улога на САД во светот, ја дискредитира руската војска и се залага за помош на Украина и воведување санкции против Русија.
Претходно денеска, московскиот суд ѝ одреди двомесечен притвор на руската новинарка Надежда Кеворкова (65), поради сомневање дека оправдува тероризам.
Кеворкова е воен дописник, авторка на бројни извештаи од Блискиот Исток, како и на голем број книги за палестинските територии. Таа била приведена вчера при претрес во нејзиниот дом.
