„Ова е намерен напад и доаѓа токму во време кога се вложени толку многу напори за постигнување мир, за воспоставување прекин на огнот, а сепак само Русија продолжува да ги одбива сите“, вели Зеленски

Русија ја нападна Украина во најголемиот напад со дронови досега. Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово изјави дека Русија се обиде да нападне 741 цел со 728 дрона и 13 ракети, пишува „Гардијан“.
Нападот бил толку интензивен што Полска, која е сосед на Украина, ги кренала своите авиони за да ја осигури безбедноста на полскиот воздушен простор.
„Ова е намерен напад и доаѓа токму во време кога се вложени толку многу напори за постигнување мир, за воспоставување прекин на огнот, а сепак само Русија продолжува да ги одбива сите“,
изјави украинскиот претседател Зеленски.
Тој тврди дека континуираната агресија на Русија е уште еден доказ за потребата од санкции, особено поврзани со енергенсите што обезбедуваат средства со кои се храни воената машинерија на Москва повеќе од три години.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утрово зборуваше во Европскиот парламент.
Во делот за Украина, таа го нагласи синоќешниот најголем напад со дронови во војната велејќи дека таа сè уште беснее, а заканата од Русија останува.
„Не можеме да се потпреме на други да ја бранат Европа. Одбраната на Европа е наша одговорност“,
нагласи таа.
Фон дер Лајен зборуваше за плановите за зголемување на инвестициите во одбраната – до 800 милијарди евра инвестиции и 150 милијарди евра кредити за заеднички набавки.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, денеска се соочи со пратениците во Бундестагот на парламентарна дебата за новиот буџет.
Во опсежен говор во парламентот, Мерц вети дека ќе продолжи да ја поддржува Украина наспроти притисокот од политичката левица и проруската десница во Бундестагот.