Во однос на нуклеарните централи на украинската територија, пак, претходно Украина објави дека Русија сака да ја преземе контролата врз централата Запорожје, како и дека планира терористички напад на Чернобил
Повеќекилометарскиот конвој руски воени возила надвор од украинската престолнина Киев се дисперзира на повеќе места, но тоа не значи дека заминува, според американската влада, јави ДПА.
Некои возила излегоа од патот и се паркираа меѓу дрвјата, изјави висок претставник на американската одбрана на анонимен брифинг од Пентагон.
„Тие не одат никаде. Не е како да скршнале од патот до Киев, но веруваме дека се преселиле во дрворедите за да се обидат подобро да ги маскираат возилата бидејќи повторно, Украинците изнаоѓаат начин за напад на возилата“,
рече службеникот.
Пентагон, како што пренесува ДПА, не можеше да даде детали за тоа колку Киев опколен. Руските војници напредуваа во и околу предградијата на главниот град, но на други места тие се подалеку.
Украина тврди дека Русија сака да ги нападне нуклеарните централи
Претходно, украинската страна ја обвини Русија дека планира напади и на нуклеарните централи.
Шефот на украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“, Петро Котин, изјави дека руските власти се обиделе да ја преземат контролата врз нуклеарната централа Запорожје.
Според Котин, руските сили му кажале на украинскиот персоналот дека електраната сега и припаѓа на руската државна компанија „Росатом“; како и дека 10 претставници на руската компанија, вклучително и двајца високи инженери неуспешно се обиделе да влезат во електраната и да го преземат управувањето.
„На територијата на нуклеарната централа има околу 500 руски војници со автоматско оружје. Нашиот персонал е во исклучително лоша психичка состојба“,
подвлече тој.
Во однос на Чернобил, пак, главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина соопшти дека Русија планира терористички напад.
„Според достапните информации – Владимир Путин наредил подготовка на терористички напад врз нуклеарната централа во Чернобил. Се планира предизвикување технолошка катастрофа, а окупаторите ќе ја префрлат одговорноста на Украина“,
објави украинското Министерство во соопштение.
Во моментов, Чернобил е целосно исклучен од системите за мониторинг на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).