Според западни разузнавачки извори на кои се повикува „Волстрит журнал“, Русија се обидува да регрутира помеѓу 30 000 и 40 000 војници месечно
Руските власти испраќаат најмалку 20 000 натурализирани граѓани на бојното поле во Украина затоа што не се пријавилее за воена служба, изјави на 20 мај Александар Бастрикин, претседател на Рускиот истражен комитет, јави државната агенција ТАСС.

Изјавата доаѓа во време на зголемен притисок врз мигрантското население на Русија, додека Кремљ се обидува да го надомести недостигот од војници на бојното поле.
„Веќе 20 000 ‘млади’ руски државјани, кои од некоја причина не сакаат да живеат во Узбекистан, Таџикистан и Киргистан, се на првите линии“,
изјави Бастрикин на Меѓународниот правен форум во Санкт Петербург.
Тој додаде дека им наредил на воените истражители, полицијата и Националната гарда редовно да спроведуваат рации во населбите каде што живеат мигранти, со цел да ги пронајдат оние кои избегнуваат воена регистрација. Бастрикин претходно тврдеше дека многу странски државјани полека ја напуштаат Русија за да избегнат регрутација, а присилното испраќање на натурализирани граѓани на фронтот го опиша како трик што ги задоволува уставните обврски, а воедно ги таргетира мигрантите.
Според западни разузнавачки извори на кои се повикува „Волстрит журнал“, Русија се обидува да регрутира помеѓу 30 000 и 40 000 војници месечно.
Откако делумната мобилизација во 2022 година предизвика бран незадоволство и бегство на повеќе од 261 000 граѓани од земјата, Кремљ избегнува ново масовно воведување на задолжителна воена служба. Наместо тоа, спроведува интензивни кампањи за регрутирање и нуди финансиски стимулации.
На 31 март, претседателот Владимир Путин потпиша одлука за пролетна мобилизација на 160 000 мажи, што е најголемото повикување во последните 14 години. Иако официјално не треба да се испраќаат регрути во борбени зони, организациите за човекови права и семејствата на војниците објавија дека многумина се принудени да потпишуваат договори што ги носат на украинското бојно поле.
Во летото 2024 година, рускиот парламент донесе закон со кој им се дозволува на властите да го одземат државјанството на натурализираните лица кои не се регистрираат за воена служба.