Украинскиот претседател побара ЕУ да ги заостри санкциите кон Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја предупреди Европската Унија дека по инвазијата врз неговата земја постои можност руските сили да нападнат и други држави и побара од ЕУ да ги заострат санкциите кон Русија.
Зеленски, во онлајн говорот што го одржа пред двата дома на чешкиот парламент, рече дека Русија има територијални амбиции што се протегаат од Варшава до Софија.
„Русија не е заинтересирана само за нашите градови Мариупол, Северодонецк, Харков и Киев. Не, нејзините амбиции се фокусирани на огромна област, од Варшава до Софија“,
рече украинскиот претседател, без да наведе конкретни докази за неговото тврдење, пренесуваат западните медиуми.
Зеленски повика и на Украина да ѝ се отвори патот за членство во ЕУ .
„Да ѝ се даде кандидатски статус на Украина во моментов значи докажување дека европското обединување е реално и дека европските вредности навистина функционираат и дека тие не се само прецизирани во одредени документи“,
изјави претседателот на Украина.
Според Зеленски, чешкиот народ, по нацистичката окупација од Германците во Втората светска војна и повоената советска доминација, знае што следува по отстапките на тиранијата и како ќе заврши компромисот.
„Човек што сака да зграпчи сè никогаш нема да се задоволи само со дел од она што го сака“,
рече Зеленски.