Американскиот претседател додава и дека Ватикан, претставуван од папата, изрази голем интерес да биде домаќин на разговорите меѓу Русија и Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл се огласи по разговорот со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека преговорите поминале многу добро и дека наскоро би можеле да следат разговори за прекин на огнот и завршување на војната во Украина.
Посочи дека разговорот со Путин траел два часа, и истовремено оцени дека поминал многу добро.

„Преговорите меѓу Русија и Украина за прекин на огнот ќе започнат веднаш, но и што е уште поважно за крај на војната. Условите за ова ќе бидат договорени меѓу двете страни, бидејќи тоа е единствениот начин да биде, а тие ги знаат деталите од преговорите што никој друг не би можел да ги знае“,
напиша Трамп во својата првична реакција по телефонскиот разговор со рускиот претседател.
Според него, Русија сака обемна трговија со САД, кога, како што рече, ќе заврши ова крвопролевање. Сепак, додаде и дека Украина може да биде голем победник во трговијата за време на реконструкцијата на својата земја.
Посочи дека за ова ги информирал претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот претседател Александар Стуб.
„Сите тие разговараа со мене веднаш по мојот разговор со претседателот Путин“,
вели тој.
Трамп додава и дека Ватикан, претставуван од папата, изрази голем интерес да биде домаќин на разговорите меѓу Русија и Украина.
„Нека започне процесот“,
заклучи Трамп.
Пред да се слушне со Путин, Трамп кратко разговорал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.