Во врска со евакуацијата, украинските сили претходно ги обвинија руските војници дека го прекршуваат договорот бидејќи пукале во автомобил кој бил упатен кон индустрискиот објект, а бил наменет за да помогне во евакуирањето на цивилите

Русија и Украина денеска извршија нова размена на затвореници. Ослободени се 41 лице кои беа заробени од руските сили, соопшти украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.
Меѓу ослободените се 11 жени.
„28 војници и 13 цивили се вратија дома“,
соопшти вицепремиерката не наведувајќи колку Руси ослободила украинската страна.
Претходната размена на затвореници се случи на 30 април, кога беа вклучени 14 Украинци, меѓу кои и една бремена жена.
Од настаните во Украина, меѓу најважните денеска е и евакуацијата што се случува од фабриката за челик Азовстал во градот Мариупол. Последните информации кои ги објави руската државна новинска агенција РИА Новости се дека попладнево тргнал вториот автобус со цивили во кој се наоѓаат 13 лица, меѓу кои и едно дете.
Ова, како што пренесува Би-би-си, е продолжение на евакуацијата во рамки на која претходно денеска беа евакуирани уште 12 цивили.
Операција што е во тек е дел од третиот обид за евакуација на Обединетите нации и Црвениот крст од фабриката за челик во која се верува дека се заробени околу 200 цивили.
Претходно, украинските сили ги обвинија руските војници дека го прекршуваат договорот за евакуација бидејќи пукале во автомобил кој бил упатен кон индустрискиот објект, а бил наменет за да помогне во евакуацијата.
Во Лавов пак, активисти на собир денеска ги повикаа светските лидери да помогнат во организирање хуманитарен коридор за евакуација на цивилите и војниците од опколениот Мариупол и фабриката Азовстал.