„Брзата реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ на случајното гласање на неговата земја за антируската резолуција на ОН ја израдува Москва“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Русија го прифати извинувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ за гласањето на неговата земја за резолуцијата на Украина на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) со која се осудува руската агресија, нарекувајќи го техничка грешка и погрешно гласање.

Дека Москва разбира дека навистина станува збор за грешка денеска изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека се случуваат технички грешки.
„Брзата реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ на случајното гласање на неговата земја за антируската резолуција на ОН ја израдува Москва“, рече Песков на прес-конференција, пренесе Интерфакс.
Вчера, Генералното собрание на ОН усвои украинско-европска нацрт-резолуција по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина, потврдувајќи ја поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет.
Србија гласаше за усвојување на тој текст.
Вучиќ по гласањето изјави дека српската делегација „по грешка“ гласала за резолуцијата и оти српската делегација требало да гласа „воздржано“.
Тој им се извини на граѓаните на својата земја и рече дека „само тој ја сноси вината за тоа“.
Србија, заедно со Турција, е единствената земја кандидат за членство во Европската Унија која не се приклучи на санкциите на Брисел против Русија.
Северна Македонија гласаше воздржано на предлог-резолуцијата поднесена од Украина, а поддржана од ЕУ, додека беше коспонзор на документот поднесен од САД. Делегацијата на Македонија гласаше „воздржано“ и за декларацијата на САД, која претрпе амандмански измени на барање на дел од земјите членки на светската организација, затоа што во неа експлицитно не беше спомената руската агресија.