Во коментарите објавени на Телеграм, руската амбасада во САД го критикуваше, како што рече, „преобликувањето“ на принципите на слободниот пазар и повтори дека нејзината нафта ќе продолжи да биде барана и покрај ограничувањето на нејзината цена кое го нарече „опасно“
Откако Европската Унија, Групата седум (Г7) и Австралија соопштија дека ќе ја ограничат цената за руска нафта на 60 долари за барел, Русија порача дека ќе продолжи да наоѓа купувачи за својата нафта, и покрај, како што рече, „опасниот“ обид на западните влади да воведат ограничување на цената на нејзиниот извоз на нафта, јави Ројтерс.
Коалицијата на западните земји предводена од Г7 се согласи да ја ограничи цената на руската нафта која се транспортира преку море на 60 долари за барел, бидејќи тие имаат за цел да ги ограничат приходите на Москва и да ја ограничат нејзината способност да ја финансира инвазијата на Украина.
Во коментарите објавени на Телеграм, руската амбасада во САД го критикуваше, како што рече, „преобликувањето“ на принципите на слободниот пазар и повтори дека нејзината нафта ќе продолжи да биде барана и покрај мерките.
„Чекорите како овие неизбежно ќе резултираат со зголемување на неизвесноста и наметнување повисоки трошоци за потрошувачите на суровините“,
велат од руската амбасада во САД, додавајќи дека руската нафта ќе продолжи да биде побарувана.
Од друга страна, пак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Зеленски, Андриј Јермак, во објава на Телеграм напиша дека економија на Русија ќе биде уништена со претстојното ограничувања на цената на руската нафта на 60 долари за барел.
„Руската економија ќе биде уништена и ќе плати, ќе одговара за сите свои злосторства“,
пишува Јермак на Телеграм.
Ограничувањето на цената на нафтата што ја извезува Русија има за цел да го намали приходот на Русија од продажбата на нафта, истовремено спречувајќи го скокот на глобалните цени на нафтата.