Ја обвини Русија дека се обидува да ги „тестира нашите граници“ преку кибер напади, мешање во избори и воена агресија, нагласувајќи дека Франција и нејзините сојузници повеќе не можат да веруваат на дадениот збор од руска страна
Париз е отворен за разговори за проширување на францускиот нуклеарен чадор на нејзините европски партнери, рече францускиот претседател Емануел Макрон во денешното обраќање до нацијата, во кое предупреди дека Русија е закана за цела Европа.
Најави дека Франција следната недела ќе биде домаќин на состанокот на началниците на генералштабовите на вооружените сили на европските земји кои се подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина.

Во телевизиското обраќање, Макрон истакна дека војната во Украина еволуирала во поширока безбедносна криза која директно ја погодува Европа.
Ја обвини Русија дека се обидува да ги „тестира нашите граници“ преку кибер напади, мешање во избори и воена агресија, нагласувајќи дека Франција и нејзините сојузници повеќе не можат да веруваат на дадениот збор од руска страна.
„Русија стана закана за Франција и за Европа“,
рече тој.
Според него, Москва веќе го претвори украинскиот конфликт во глобален конфликт, обвинувајќи ја дека манипулира со изборите во Романија и Молдавија.
Макрон дополнително ја обвини Русија дека организира дигитални напади врз европските болници и дека се обидува да манипулира со лагите што ги шири на социјалните мрежи.
Франција ја повтори својата поддршка за Украина, наведувајќи дека каков било мировен договор не смее да биде на сметка на украинскиот суверенитет.
„Мирот во Украина може да вклучува и распоредување на европски сили. Тие не би оделе да се борат денес, не би оделе да се борат на првите линии, но ќе бидат таму, кога ќе се потпише мирот, за да гарантираат негово целосно спроведување“,
кажа Макрон.
Ова би вклучувало одржување на долгорочна воена поддршка за Украина, додаде тој, во форма на план за цврст, траен и проверлив мир, во координација со европските партнери и самата Украина.
Тој најави дека е започната „стратешка дебата“ за нуклеарното одвраќање за да се заштитат европските сојузници.
„Стратешката дебата е повторно отворена за тоа како нашето одвраќање придонесува за заштита на нашите европски сојузници“,
вели францускиот претседател.
Францускиот претседател, исто така, ги повика европските нации да ги зајакнат своите одбранбени способности и предупреди дека започна нова ера на глобална нестабилност.