Нацрт-предлогот, доставен до Соединетите Држави и нивните сојузници претходно оваа недела, исто така повикува на забрана за испраќање руски и американски воени бродови во области каде што можат да погодат цели на други земји, вклучително и завршување на воените вежби на НАТО во близина на Русија
Русија објави нацрт безбедносни барања со кои се бара НАТО да го одбие членството на Украина и другите поранешни советски земји, како и да ги повлече своите воени сили од Централна и Источна Европа.
Нацрт-предлогот, доставен до Соединетите Држави и нивните сојузници претходно оваа недела, исто така повикува на забрана за испраќање руски и американски воени бродови во области каде што можат да погодат цели на други земји, вклучително и завршување на воените вежби на НАТО во близина на Русија.
Дополнително, предвидена е и забрана за поставување ракети со среден дострел на подрачја каде што можат да дејствуваат на територијата на другата страна, ја пренесе Н1, веста на АП.
Рускиот предлог вклучува ново барање за повлекување на силите на НАТО во Централна и Источна Европа, преку формулацијата дека страните се согласуваат да не испраќаат сили „во областите каде што не биле присутни во 1997 година“, освен во исклучоци кога е постигнат договор.
Според АП, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рибјаков изјави дека односите на Русија со САД и НАТО достигнале „опасна точка“ и додаде дека распоредувањето на Алијансата и нејзините вежби во близина на Русија создале „неприфатливи“ закани за нејзината безбедност.
Бидејќи се работи за ултимативни барања, се очекува тие да бидат отфрлени од САД и нивните сојузници.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска одговори дека Алијансата добила руски документ и дека секој разговор со Москва за безбедносни прашања мора да вклучува, меѓу другото, консултации со европските партнери, како што е Украина.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки изјави дека разговорите со Москва за стратешка безбедност траат со децении, но дека „нема да има преговори за европската безбедност без нашите европски сојузници и партнери“.
„Нема да ги загрозиме клучните принципи врз кои се гради европската безбедност, вклучително и фактот дека сите земји имаат право самостојно да ја дефинираат својата иднина и надворешна политика без странска интервенција“,
нагласи Псаки.
Барањата содржани во предложениот руско-американски договор за безбедност и безбедносниот договор меѓу Москва и НАТО, доаѓаат во време на растечки тензии околу акумулацијата на руски војници во близина на Украина, што предизвика загриженост за можна инвазија.
Москва негираше дека планира напад врз својот сосед, но бара правни гаранции кои ќе го спречат ширењето на НАТО и распоредувањето на оружје во Украина.