Овластувањата на Радев како претседател на Бугарија формално ќе престанат откако Уставниот суд ќе ги утврди наведените околности во оставката со која тој предвремено ја прекинува функцијата. Доколку Судот ја прифати оставката на Радев, актуелната потпретседателка на Бугарија, Илијана Јотова, ќе ја преземе претседателската функција
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска и официјално ја достави својата оставка до Уставниот суд на Бугарија откако вчера на прес-конференција најави дека се повлекува од претседателската функција.

Судот сега треба да се произнесе дали ќе ја прифати оставката. Иако законите не предвидуваат задолжителен рок во кој Судот мора да донесе одлука, се очекува тоа да се случи што поскоро. Овластувањата на Радев како претседател на Бугарија формално ќе престанат откако Уставниот суд ќе ги утврди наведените околности во оставката со која тој предвремено ја прекинува функцијата.
Доколку Судот ја прифати оставката на Радев, во Народното собрание на Бугарија ќе биде закажана церемонија на која актуелната потпретседателка на Бугарија, Илијана Јотова, ќе ја преземе претседателската функција.
Бугарскиот претседател вчера на прес-конференција најави дека поднесува оставка од шеф на државата. Од функцијата заминува точно една година пред завршување на мандатот.
Иако тој директно не соопшти дека ќе формира партија и дека ќе учествува на новите парламентарни избори во Бугарија, бугарските медиуми известуваат дека тоа може да се заклучи од неговото излагање. Таа партија се очекува да игра значајна улога на политичката сцена, а според некои проценки, дури и да победи на изборите.
Радев е петтиот демократски избран претседател на Бугарија. Првично беше избран во ноември 2016 година, а во ноември 2021 година беше реизбран за втор мандат.
