Рудникот „Саса“ ќе плати казна за истекувањето на јаловишниот материјал во Каменичка Река. Државниот инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор и сочини записник за почнување постапка за спогодување, согласно член 212-ж од Законот за животната средина, кој предвидува максимална глоба од 100 000 евра.
Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), правниот субјект треба да постапи согласно предложените мерки за заштита наведени во Записникот за констатација и решението во инспекциска постапка кое согласно закон ќе биде доставено во предвидениот рок.
„Согласно извештајот од направениот увид на водостопанскиот инспектор на ДИЖС во правното лице Рудник ‘Саса’, направен е теренски увид со фотографирање и увид во документација. Притоа се констатира дека во раните утрински часови во 5:45, па сè до 7:15 часот се случило измивање на јаловиштен песок од 3 000 кубни метри од хидројаловиште бр. 4, поради контактна филтрација во десниот блок. Овој материјал разлеан со вода од реката Каменица довел до заполнување на зафат на мала хидроелектрана и речното корито на реката загадувајќи ја со јаловиштен материјал од хидројаловиште бр. 4. кое било и се гради од песок на хидроциклони со насипување во влажна состојба“,
информира Министерството.
Записникот за почнување постапка за спогодување е потпишан од управителот на правното лице, а натамошната постапка продолжува пред Комисија за спогодување при Министерство за животна средина која ќе донесе конечна одлука.
