Рубио денеска го предупреди Техеран да не се одмаздува, велејќи дека таквата акција би била најлошата грешка што некогаш ја направиле и додаде дека САД се подготвени да разговараат со Иран
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ја повика Кина да влијае врз Иран да не го затвора Ормутскиот теснец по нападот на Вашингтон врз нуклеарните постројки на Иран. Рубио го упати повикот до Кина во гостување на Фокс њуз, откако иранската телевизија Прес ТВ објави дека иранскиот парламент го одобрил затворањето на Ормутскиот теснец низ кој течат околу 20 проценти од глобалните нафта и гас.

„Ја охрабрувам кинеската влада во Пекинг да им се обрати во врска со ова, бидејќи тие во голема мера зависат од Ормутскиот теснец за нивната нафта. Ако го сторат тоа, тоа ќе биде уште една ужасна грешка. За нив е економско самоубиство ако го сторат тоа. И ние ги држиме отворени опциите за справување со тоа, но и другите земји треба да го разгледаат тоа. Тоа би им наштетило на економиите на другите земји многу повеќе отколку на нашите“,
рече Рубио, кој е и советник за национална безбедност.
Тој додаде дека затворањето на теснецот би било огромна ескалација што би барала одговор од САД и другите.
Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар.
Американските претставници изјавија дека ги уништиле главните нуклеарни постројки на Иран користејќи 14 бомби за разбивање бункери, повеќе од дваесетина ракети „Томахавк“ и повеќе од 125 воени авиони. Нападите претставуваат ескалација на тековниот конфликт на Блискиот Исток.
Техеран изјави дека ќе се брани со сите потребни средства.
Рубио денеска го предупреди Техеран да не се одмаздува, велејќи дека таквата акција би била најлошата грешка што некогаш ја направиле и додаде дека САД се подготвени да разговараат со Иран.