Советникот за национална безбедност Мајк Волц најави дека во наредните денови ќе разговара со својот руски колега, а државниот секретар Рубио ќе учествува на средбата на министрите за надворешни работи на Г7, каде што ќе се продолжи со процесот
Украина е подготвена да ја прифати американската иницијатива за итен, привремен 30-дневен прекин на огнот по денешните мировни преговори во Џеда, Саудиска Арабија. Овој предлог за прекин на огнот ќе може да се продолжи со заемна согласност на двете страни, но неговата примена зависи од прифаќањето и спроведувањето од страна на Русија, пренесува Би-би-си.
„Соединетите Американски Држави веднаш ќе ја укинат суспензијата во размената на разузнавачки информации и ќе ја обноват безбедносната помош за Украина“,
се вели во заедничката изјава на САД и Украина, објавена од американскиот Стејт департмент.
Американскиот државен секретар Марко Рубио пред новинарите во Џеда, по разговорите со украинската делегација, изјави дека САД дале понуда која Украина ја прифатила – да прифати прекин на огнот и да започне преговори за трајно и одржливо завршување на конфликтот. Тој додаде дека оваа понуда сега ќе ѝ биде пренесена на Русија и изрази надеж дека Москва ќе ја прифати.
„Сега топката е кај нив“,
истакна Рубио, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп сака крај на војната.
Советникот за национална безбедност Мајк Волц нагласи дека на состанокот се разговарало за деталите како да се постигне траен мир и какви безбедносни гаранции ќе бидат обезбедени за долгорочна стабилност. Тој најави дека во наредните денови ќе разговара со својот руски колега, а државниот секретар Рубио ќе учествува на средбата на министрите за надворешни работи на Г7, каде што ќе се продолжи со процесот.
На прашањето дали предложениот прекин на огнот се однесува на целата борбена линија или само на воздушните и поморските операции, како што предложи Украина, Рубио одговори кратко:
„Да – понудата е целосен прекин на огнот“.
Тој нагласи дека единствениот начин да заврши оваа војна е преку преговори, а за тоа да се случи, „прво мора да престане пукањето“.
Запрашан дали Украина прифаќа некакви гестови на добра волја од Русија или дали постои краен рок за спроведување на договорот, Рубио одговори:
„Украина е подготвена да престане да пука и да почне да преговара“.
Тој додаде дека се надева оти Русија ќе го прифати прекинот на огнот, но доколку тоа не се случи, „тогаш ќе знаеме што е вистинската пречка за мирот“.
Кога новинарите прашаа зошто денеска не бил потпишан договорот за ретки минерали, Рубио објасни дека тоа не била тема на разговорите во Џеда. Тој појасни дека договорот се преговара меѓу украинските и американските финансиски институции, но дека претседателите на двете земји дале инструкции на своите владини претставници да го финализираат.
На прашањето дали односите меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски се „вратени во нормала“, Рубио одговори дека најважно е „мирот да се врати на вистинскиот пат“. Тој потенцира дека ова не е некакво ријалити шоу, туку „сериозна работа“ во која секој ден гинат луѓе.
„Денеска луѓе ќе умрат во оваа војна, вчера загинаа, а доколку нема прекин на огнот, за жал, ќе умираат и утре“,
нагласи Рубио.
Главниот советник на Зеленски, Андриј Јермак, кој беше дел од украинската делегација во Саудиска Арабија, сподели кратка изјава на социјалната мрежа Икс, нагласувајќи дека заштитата на интересите на Киев е најважна, а праведен мир е клучен. Тој им се заблагодари на американските и саудиските претставници за „конструктивниот состанок“.