Во соопштението на македонското МНР не се споменува дека буџетот за одбраната треба да порасне на пет отсто од БДП, но се наведува дека се разговарало за намалување на тарифите
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Марко Рубио денеска побара од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски буџетот на одбраната да порасне на пет отсто од БДП.

Ова се вели во соопштението од Стејт департментот, потпишано од портпаролката Тами Брус, а во кое се известува за средбата меѓу државниот секретар Марко Рубио денеска и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија Тимчо Муцунски.
„На средбата е нагласена силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и се истакнати заедничките интереси за регионалната стабилност, економската соработка и НАТО. Ги истражија можностите за проширување на економската соработка, вклучително трговијата и инвестициите. Секретарот ја нагласи потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да остварат пет проценти одбранбени трошоци“,
пишува во соопштението од Стејт департментот.
Во соопштението на македонското МНР не се споменува дека буџетот за одбраната треба да порасне на пет отсто од БДП, но се наведува дека се разговарало за намалување на тарифите.
„Во рамките на разговорот беа разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор и напредок во насока на намалување на тарифите и можноста за започнување на процес за потпишување Договор за слободна трговија“,
се вели во соопштението на МНР.
На средбата сее потврди и силната стратешка поврзаност меѓу двете земји, заедничката заложба за регионалната стабилност, нашата европска интеграција, како и инвестициите во безбедноста и одбраната како сојузници во НАТО.
Шефот на македонската дипломатија деновиве престојува во САД по повод одбележувањето на 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО.