„Доколку претседателот идентификува закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави, секој претседател ја задржува опцијата да се справи со тоа преку воени средства“, изјави денеска американскиот државен секретар
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска најави дека следната недела ќе разговара со властите во Данска околу прашањето што го отвори претседателот на САД, Доналд Трамп за преземање на данската полуавтономна територија Гренланд, пренесе Би-би-си.

Изјавата на Рубио, дадена по брифингот зад затворени врати со членовите на американскиот Сенат, доаѓа откако Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Трамп и неговите советници разгледуваат низа опции за воспоставување контрола врз Гренланд, вклучително и употреба на воените сили на САД.
Трамп ги обнови заканите за преземање на Гренланд од страна на САД по апсењето на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро на 3 јануари. Веќе следниот ден, тој изјави оти Гренланд му е „очајно потребен“, зголемувајќи ги со тоа тензиите меѓу САД, полуавтономната данска територија и Европа.
Според американската администрација, Гренланд е од витално значење за безбедноста на САД, наводи на кои остро реагираше данската премиерка Мете Фредериксен, која рече дека евентуален напад на Соединетите Држави врз сојузник во НАТО би значел крај за одбранбениот сојуз и безбедносниот поредок воспоставен по Втората светска војна. Тоа, како што изјави таа, би било крај на сè.
Американскиот државен секретар во изјавата дадена денеска не ја исклучи употребата на воена сила за преземање на Гренланд од страна на САД.
„Доколку претседателот идентификува закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави, секој претседател ја задржува опцијата да се справи со тоа преку воени средства. Како дипломат, а тоа е она што сум сега, и она на што работиме, секогаш претпочитаме работите да ги решаваме на различни начини – вклучувајќи го и тој во Венецуела“,
рече Рубио.
Претходно денеска, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави во телефонски разговор со него „ја исклучил можноста за инвазија“ на Гренланд.
„Вчера лично разговарав со американскиот државен секретар Марко Рубио, кој потврди дека ова не е пристапот што е усвоен. Тој ја исклучи можноста за инвазија на Гренланд“,
кажа тој.
Баро попладнево треба да разговара со своите германски колеги во врска со американските закани за преземање на арктичкиот остров, кој се наоѓа во област од стратешко значење.
Вчера лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и други нации објавија заедничка изјава со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, во која ги повикаа САД да го почитуваат суверенитетот на земјата. Тие во соопштението напишаа дека безбедноста на Арктикот е врвен приоритет за НАТО, одбрабениот сојуз од кој дел се и САД и Гренланд, кој е дел од територијата на Данска.
„Гренланд им припаѓа на своите луѓе и само Данска и Гренланд можат да одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“,
наведоа лидерите на Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Данска во заедничката изјава.
Владата на Гренланд соопшти дека побарала од американскиот Стејт департмент „итен“ состанок со државниот секретар, Марко Рубио, министерката за надворешни работи и истражување на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, и данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, за да разговараат околу аспирациите на САД за „призвојување“ на островот.
Министерот за внатрешни работи на Данска, Расмусен во изјава за националниот радиодифузен сервис ДР, рекол дека состанокот ќе има даде шанса на данските и властите во Гренланд да одговорат на некои од тврдењата на Трамп, меѓу кои и оние дека многу руски и кинески бродови обиколуваат околу островот и дека Пекинг има големо економско влијание таму преку инвестиции.
