„Нема да дозволиме Западната хемисфера да стане база за операции на противници, конкуренти и ривали на САД. Сакаме да видиме дека приходите од нафта на таа земја ќе им користат на луѓето од Венецуела“, вели тој
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека на Соединетите Американски Држави (САД) не им е потребна венецуелска нафта, но оти нема да дозволат нивните глобални противници да ги преземат нејзините ресурси.

„Имаме многу нафта во САД. Она што нема да го дозволиме е нафтената индустрија во Венецуела да биде контролирана од противниците на САД“,
рече тој во интервју за Ен-би-си, коментирајќи ја американската интервенција во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро.
Според него, потребно е да се спречи пристапот на глобалните соперници на САД до ресурсите на Венецуела.
„Нема да дозволиме Западната хемисфера да стане база за операции на противници, конкуренти и ривали на САД. Сакаме да видиме дека приходите од нафта на таа земја ќе им користат на луѓето од Венецуела“,
кажа Рубио.
На венецуелскиот лидер Николас Мадуро, како што додаде, му биле презентирани неколку значајни предлози за деескалација на тензиите, но наместо тоа, тој одлучил да дејствува неодговорно.
„Мадуро доби неколку многу дарежливи понуди и наместо тоа одлучи да се однесува како дивјак“,
додаде американскиот државен секретар.
Рубио нагласи дека американскиот претседател Доналд Трамп е посветен на преземање цврсти чекори за решавање на предизвиците.
За потпретседателката на Венецуела, Делса Родригез, која привремено го заменува Мадуро, рече дека САД ќе ја судат врз основа на тоа што ќе прави во иднина.
Родригез вчера остро ја критикуваше воената акција на САД во нејзината земја и побара Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес веднаш да бидат ослободени. Таа го нарече Мадуро единствениот претседател на Венецуела.
Рубио изјави и дека САД очекуваат да видат поголема соработка и послушност од Венецуела отколку што добиле во минатото.
Во интервјуто тој не сакаше да прецизира кога ќе се одржат изборите во Венецуела.
„Прерано е сега да се зборува за тоа. Има уште многу работи. Во моментв сме фокусирани на сите проблеми што ги имавме кога Мадуро беше на власт“,
кажа тој.
Мадуро и неговата сопруга беа заробени преку ноќ како дел од големата американска воена операција во Каракас.
Светските медиуми денеска објавија дека тој е задржан во притворниот центар во Бруклин откако со авион беше пренесен во Њујорк.
Министерството за правда на САД вчера објави ново обвинение против Мадуро, како и против неговите сопруга и син.
