По воената операција во Венецуела, Доналд Трамп неколку денови наназад ја повторува идејата да го поседува Гренланд, а неговата администрација не ја исклучи можноста за употреба на воена сила за воспоставување контрола

Данскиот шеф на дипломатијата Ларс Леке Расмусен ќе се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио за да разговараат за иднината на Гренланд следната недела, во услови кога американскиот претседател Доналд Трамп се погласно зборува дека САД сакаат да ја преземат контролата врз арктичкиот остров.
Рубио претходно изјави дека планира состаноци со дански претставници следната недела откако Данска и Гренланд побараа разговори со американскиот дипломат.

Гренланд, со население од помалку од 57.000 жители, иако е автономен, формално е дел од Кралството Данска, која пак е членка на НАТО.
Во меѓувреме, по воената операција во Венецуела, Доналд Трамп неколку денови наназад ја повторува идејата да го поседува Гренланд, а неговата администрација не ја исклучи можноста за употреба на воена сила за воспоставување контрола, наведувајќи ги безбедносните загрижености и заканите од Кина и Русија во регионот.
Неодамна германскиот вицепремиер и министер за финансии Ларс Клингбеил рече дека САД мора да го почитуваат меѓународното право и територијалниот суверенитет и дека за иднината на Гренланд треба да одлучат Гренланд и Данска.
„Само Данска и Гренланд можат да одлучат за иднината на Гренланд“,
рече Клингбеил.
Принципите на меѓународното право, како што се почитувањето на територијалниот суверенитет и интегритет, важат за сите, „вклучувајќи ги и САД, смета Клингбеил.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, постојано се закануваше дека ќе го земе Гренланд со сила.
„Мораме да го добиеме“,
рече тој.
Тој го наведе стратешкото значење на островот и неодамнешното зголемување на руското и кинеското поморско присуство во регионот.
Парламентот на Гренланд пак, доцна во петокот соопшти дека ќе свика седница за да разговара за евентуалниот одговор на заканите на САД за преземање контрола врз островот.
