Иако консултациите сè уште траат, европските дипломатски кругови оценуваат дека Србија нема шанси да биде домаќин на оваа средба на највисоко ниво, пред сè поради неусогласеноста на Белград со надворешната политика на ЕУ кон војната во Украина, велат изворите на кои се повикува РТС и кои оценуваат дека самитот „најверојатно ќе се одржи во Албанија или Северна Македонија“
Нов самит на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ќе се одржи на почетокот на декември и тоа по првпат во една од земјите од регионот, дознава РТС од дипломатски извори во Брисел.
Во веста се наведува дека тој состанок треба да даде нов, силен сигнал за посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, со порака до земјите од регионот да ја искористат новосоздадената политичка средина во Европа, со цел да се подобри процесот на пристапување и решавање на отворените прашања во регионот.
Иако консултациите сè уште траат, европските дипломатски кругови оценуваат дека Србија нема шанси да биде домаќин на оваа средба на највисоко ниво, пред сè поради неусогласеноста на Белград со надворешната политика на ЕУ кон војната во Украина, велат изворите на кои се повикува РТС.
„Позициите и реториката на Србија за санкциите против Русија и војната во Украина се неприфатливи за многу земји членки“,
наведуваат европските дипломати за РТС и оценуваат дека самитот „најверојатно ќе се одржи во Албанија или Северна Македонија“.
Во Брисел оценуваат дека војната во Украина ја зајакнала свеста во Европа за важноста на политиката на проширување за стабилноста на континентот, што се покажува и со покажаната подготвеност за брз напредок во разговорите со Украина и другите земји кои до неодамна не беа дел од процесот.
„Важно е земјите од Западен Балкан да не останат на страна и со тоа да го пропуштат моментумот за побрз напредок“,
наведуваат дипломатски извори и оценуваат дека во наредните месеци ќе се бараат начини за конкретен напредок во прашања како што е почеток на преговорите со Северна Македонија, поконкретен напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина, кандидатски статус за БиХ и барањето на Приштина за визна либерализација, објавува РТС.

Но, пред самитот во декември, на 6 октомври во Прага ќе се одржи самит на таканаречената европска политичка заедница, на иницијатива на францускиот претседател Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Заедно со поканите за земјите од Западен Балкан, како што дознава РТС, претседателот на Европскиот совет Мишел и чешкиот премиер Вијала на самитот ги поканиле и Велика Британија, Украина, Молдавија, Грузија, Турција, Азербејџан и Израел.