Деветкатница го замени зеленилото кај „Мајчин дом“ во Аеродром и покрај протестите и противењето на жителите, а деловен простор од 312 квадратни метри на нејзиното приземје го носи името на поранешниот градоначалник на општината, Ивица Коневски, за чие владеење беше променет ДУП со кој на локацијата се впиша градежната маркица. Но, Коневски деловниот простор вреден стотици илјади евра ќе го исплати преку закуп, а не од свој џеб, пишува Радио слободна Европа (РСЕ).
Фирмата која е инвестор и ја изгради зградата е ЗФС КОМ. Коневски со неа потпишал договор пред некој месец, а предговорот бил запечатен во март 2019 година. Цената на деловниот простор на Коневски е речиси 442 000 евра. Сумата нема да ја плати поранешниот градоначалник, туку тоа ќе го стори „Тинекс“, кој го закупил просторот на 12 години, па Коневски ќе може да располага со објектот по овој период.
Како плацот менуваше сопственици и стана градежно земјиште?

Земјиштето кај „Мајчин дом“, потсетува РСЕ, беше во државна сопственост до 2007 година кога го добива физичко лице, кое една година подоцна го продава на фирмата „Европа комерц“ од Кочани.
ДУП, пак, со кој се отвори пат за изградба на зградата, беше донесен во април 2017 година. Во тоа време со општината сè уште раководеше Коневски.
„Во 2014 година ’Европа комерц‘ заедно со ’Архи‘ ДОО ја формира ’Масив констракшн‘ која станува сопственик на земјиштето од 3 538 квадратни метри. Сопственици на ’Архи‘ ДОО беа ’Орка холдинг‘ и ’ССИ инвестмент‘. Не е тајна дека директор на ’Орка холдинг‘, беше контроверзниот бизнисмен Орце Камчев, а зад ’ССИ инвестмент‘ стои неговиот зет Мето Стојчевски“,
пишува РСЕ.
Меѓутоа, „Масив констракшн“ не е фирмата која градеше, туку поради долг на еден од сопствениците – „Европа комерц“ кон Комерцијална банка во 2017 местото се става на продажба, па земјиштето завршува во рацете на ЗФС КОМ на Фатмир Етеми, кој инаку е член на надзорниот одбор на банката.
Целата сторија на РСЕ, прочитајте ја ТУКА.
