Од РСБСП ги советуваат граѓаните навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја приспособат брзината на движење според условите и состојбата на патот и да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата
По најавите за снежни врнежи и значителен пад на температурите за време на викендот, од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатија апел и потсетување до граѓаните внимателно и одговорно да управуваат со возилата и задолжително да користат зимска опрема согласно правилата.

„Пред тргнување на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови. Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка на антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“,
се наведува во соопштението од РСБСП.
Воедно, оттаму апелираат возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и поставената сообраќајна сигнализација. Од РСБСБ ги советуваат граѓаните навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја приспособат брзината на движење според условите и состојбата на патот и да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата.
Истражувањата, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
„Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен“,
се додава во соопштението.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопштија дека за време на викендот се очекуваат нови врнежи, кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а во пониските места од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови од земјата, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
За в недела и понеделник од Управата најавуваат појава на умерен до засилен северен ветер, кој наместа ќе дува и со брзина од над 60 километри на час. Ќе има повремени локални врнежи од снег, а температурата ќе биде во опаѓање и наместа ќе остане под нулата и во текот на денот.
