На работната средба во Стразбур, бугарскиот претседател рекол дека нашата земја треба да преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции, медиумите
Претседателите на Бугарија, Румен Радев, и на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, денеска одржале работна средба во Стразбур, на која, како што велат од прес-службата на бугарскиот претседател, размениле мислења за безбедносната состојба во соседните региони на ЕУ и за европската перспектива на Македонија.
Како што велат од кабинетот на Радев, бугарскиот претседател рекол дека очекува активен билатерален дијалог на високо ниво со Република Северна Македонија, во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи.
Се наведува дека Радев посочил дека Македонија треба да покаже европска зрелост и почитување на вредностите на ЕУ, со преземање конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции, медиумите, како и да се почитуваат правата на оние што отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.
Двајцата шефови на држави се согласиле дека Европската Унија треба да биде многу поактивна во барањето мирно и одржливо решение за кризите во соседните региони, кои се и причина за зголемениот миграциски притисок врз Европа.