Според пратеникот во германскиот парламент, ако пристапувањето кон Европската Унија продолжи на технократски начин, тоа ќе придонесе за драстично зголемување на национализмот и евроскептицизмот, а среќни од тоа ќе бидат Русија и Кина
Поранешниот државен секретар за Европа во германското Министерство за надворешни работи и актуелен претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Михаел Рот, во објава на социјалните мрежи вели дека на изборите во С Македонија триумфирал десниот национализам и смета дека тоа е сериозен удар за ЕУ-амбициите на земјава.
Тој вината за ваквата ситуација не ја наоѓа само кај поразената социјалдемократска влада, туку и кај државите на ЕУ, кои, како што вели, ги европеизирале билатералните прашања и уценувале со нив.
Според Рот, ако пристапувањето кон Европската Унија продолжи на технократски начин, тоа ќе придонесе за драстично зголемување на национализмот и евроскептицизмот, а среќни од тоа ќе бидат Русија и Кина.
„Десниот национализам триумфираво Северна Македонија. Сериозен удар за ЕУ-амбициите. За ова не е одговорна само поразената социјалдемократска влада, туку државите на ЕУ кои ги европеизираа билатералните проблеми и ги уценуваа. Ако продолжиме со преговорите за пристапување кон ЕУ на таков технократски начин, младите генерации ќе се иселат од Западен Балкан, национализмот и евроскептицизмот драстично ќе се зголемат. Русија и Кина треба да бидат среќни. Конечно ни треба рестарт и без блокади“,
напиша Рот на социјалната платформа Икс.
2/2
— Michael Roth – official ?????? (@MiRo_SPD) May 10, 2024
Wenn wir die EU-Beitrittsverhandlungen so technokratisch fortsetzen, wird die junge Generation den Westbalkan entvölkern, Nationalismus und EU-Skepsis werden dramatisch zunehmen. Russland und China dürften sich freuen. Wir brauchen endlich einen Neustart und keine Blockaden!
Инаку, апсолутен победник на двојните избори – претседателските и парламентарните – е ВМРО-ДПМНЕ.
Според првичните официјални резултати од 100 отсто пребројани гласови од вториот круг на претседателските избори, победник е кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, со освоени 561 001 глас, додека нејзиниот противкандидат, актуелниот претседател на државата кој со поддршка на СДСМ се бореше за втор мандат, освоил 251 881 глас.
На парламентарните избори, според првичните официјални резултати на ДИК, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со најмногу освоени пратенички мандати – 58. Потоа следуваат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со освоени 19 пратенички мандати, коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ со 18 мандати, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ има 13 пратеници, Левица – 6 и „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“ исто така шест мандати.