Во документите за случајот што професорот од Универзитетот „Колумбија“, Горазд Росоклија, ги доставил до Канал 5, меѓу другото, е и примерок од информативното писмо што им се испраќало на семејствата на починатите со кое се бара нивна согласност за учество во интервју, како и согласност за донација на мозочно ткиво од починатиот. Во документот, меѓу другото, се наведува дека учеството е доброволно и дека органите и крвта на починатите нема да бидат употребени во истражувањето без нивна согласност
Ги чувам сите согласности од семејствата на починатите пациенти од кои се земаа мозочни ткива за истражувањето во САД – вели во интервју за телевизија Канал 5 професорот Горазд Росоклија од Универзитетот „Колумбија“. Комуникацијата со семејствата, како што вели, ја вршеле психолози и психијатри едуцирани во процесот наречен психолошка аутопсија – процес во кој се поставува дијагноза врз основа на медицинската документација и разговорот со семејството на починатиот пациент.

По шестмесечна едукација на првите двајца психолози/психијатри кои се обучиле за вршење на ваквата психолошка аутопсија, била побарана дозвола за работа од етичкиот комитет при Медицинскиот факултет во Скопје, која, како што вели Росоклија, била потпишана во 2001 година од тогашниот декан Јордан Савески и од професорот и невропсихијатар Илија Џонов, кој бил претседател на комитетот.
„По добиената дозвола од етичкиот комитет, тој процес изгледа вака – прво тие на семејството му даваат информативно писмо во кое го канат на разговор и му објаснуваат што очекуваат од нив. Ако семејството се согласи, тогаш член од семејството доаѓа на разговор со психологот или психијатарот. Пред да почне разговорот, психологот бара од членот од семејството да потпише дека се согласува на интервју и се согласува ткивото да биде употребено за научни цели. Секој од овие членови на семејствата имаат потпишано консент-форма и само врз основа на неа ние можеме да работиме со тоа ткиво. Сите тие согласности јас ги чувам. Иако пет години по завршување на проектот не мораше да се чуваат, јас ги чувам сите“,
вели Росоклија.
Во документите за случајот што Росоклија ги доставил до Канал 5, меѓу другото, е и примерок од информативното писмо што им се испраќало на семејствата на починатите со кое се бара нивна согласност за учество во интервју, како и согласност за донација на мозочно ткиво од починатиот. Во документот, меѓу другото, стои:
„Ве молиме да ни помогнете во нашиот напор да ги разбереме причините за настанување на психијатриските заболувања како и на самоубиствата. За остварување на таа цел, сакаме да ги проучуваме луѓето со вакви состојби и да ги споредиме со индивидуи кои се без психолошки промени. Високо образован тим на психијатри и психолози од нашата земја, во соработка со експерти од САД, соработуваат во научен проект кој ги истражува причините за самоубиство како и за појавата на душевните пореметувања. За да го направиме тоа, би сакале да Ве интервјуираме Вас или други блиски на починатиот, за животот на Вашиот близок и би сакале да ги проучуваме мозокот, примероци на крвта, примероци на коса, а во некои случаи и други органи кои рутински биваат испитувани при аутопсија. Доколку се согласите да партиципирате, примероците на ткиво, коса и крв добиени при аутопсијата, ќе бидат ползувани во научното истражување.“

Во информативното писмо до семејствата на починатите се нотира дека учеството е доброволно и дека органите и крвта на починатите нема да бидат употребени во истражувањето без нивна согласност. Дополнително, се гарантира и заштита на идентитетот на починатиот и на членовите на неговото семејство.
По интервјуто на член на семејството на починатиот, како што вели Росоклија, следен чекор бил одржување консензус-конференција на која било одлучувано дека конкретниот случај со конкретната дијагноза може да биде цел на истражувањето, по што следувале процедурите за транспорт на ткивото.
Поврзани вести:
- Горазд Росоклија и Алексеј Дума – „мозоци“ на извозот на мозоци за научни цели од Македонија во САД
- Не стануваше збор за никаков профит – Алексеј Дума потврди дека мозоци од Македонија се испраќале за научни цели во САД
- Росоклија: За секое ткиво од Македонија што е користено во истражувањата во САД има писмена согласност од семејствата
- Алиу: Министерството за здравство формира работна група која ќе го истражува случајот со извоз на мозоци за научни цели
- Обвинителството отвори предмет за извозот на мозоци од Македонија за научни цели во САД – ќе испитува дали има елементи на кривично дело
