Јоханис (64) рече дека ова е „легитимна аспирација“ на неговата земја, која поминала низ „длабоки трансформации“ и може да придонесе за обликување на нова визија, против „сериозната и постојана руска закана“
Романскиот претседател Клаус Јоханис денеска најави дека ќе се кандидира за нов шеф на НАТО, за да го наследи Јенс Столтенберг, кој до септември годинава е на чело на Алијансата.
Засега фаворит за нов генерален секретар на Алијансата е холандскиот премиер Марк Руте.
„Одлучив да се кандидирам за функцијата генерален секретар“, рече Јоханис во краткиот говор, истакнувајќи го своето искуство како претседател на Романија, источноевропска земја, за која вели дека е на чело на атлантската алијанса од почетокот на руската инвазија на Украина.
Тој рече дека е време Романија, членка на НАТО од 2004 година, да преземе уште поголеми одговорности со оглед на сегашниот безбедносен контекст.
Јоханис (64) рече дека ова е „легитимна аспирација“ на неговата земја, која поминала низ „длабоки трансформации“ и може да придонесе за обликување на нова визија, против „сериозната и постојана руска закана“.
Јоханис се соочува со конкуренција на 57-годишниот Марк Руте, чие име со месеци се споменува како наследник на Столтенберг.
Неколку земји, меѓу кои Франција, САД, Велика Британија и Германија, веќе ја изразија својата поддршка за шефот на холандската влада во заминување.
Инаку, одлуката за нов шеф на НАТО се носи со консензус меѓу земјите членки на Алијансата, за место што припаѓа на Европеец.
Но, според одредени европски медиуми, на оваа одлука на Јоханис се противи унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој има блиски врски со Русија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по завршувањето на мандатот во септември заминува на функцијата претседател на норвешката централна банка.
Столтенберг е генерален секретар на НАТО од 2014 година, а неговиот сегашен мандат истекува во септември. Тој претходно беше норвешки премиер од 2005 до 2013 година.