Чолаку им рекол на колегите дека треба да се повлечат од владата бидејќи нивната коалиција не успеала да ја исполни својата цел и „нема легитимитет“

Романскиот премиер Марсел Чолаку поднесе оставка, а неговата Социјалдемократска партија ќе ја напушти владата откако десничарскиот националистички кандидат победи во првиот круг од претседателските избори, пишува Би-би-си.
Џорџе Симион, евроскептик кој вети дека ќе ја стави Романија на прво место, освои 40,9 отсто од гласовите во неделата и се очекува да победи на вториот круг на 18 мај.
Тој ќе се соочи со либералниот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, кој тесно го победи кандидатот на Социјалдемократите (ПСД).
Чолаку, како што се додава во написот, им рекол на колегите дека треба да се повлечат од владата бидејќи нивната коалиција не успеала да ја исполни својата цел и „нема легитимитет“.
Партијата на Чолаку беше дел од коалиција од три партии, а премиерот им кажа на своите колеги дека се здружиле со цел да имаат заеднички претседателски кандидат и парламентарно мнозинство.
„Една од овие две цели не успеа. Го видов гласањето од вчера, а тоа ни кажува дека сегашната коалиција веќе нема легитимитет во оваа форма“,
рекол Чолаку.
Чолаку дојде на власт во проевропска коалиција по изборите во 2024 година, иако крајно десничарската партија на Џорџе Симион, заедно со две други групи, привлече една третина од гласовите.
Очекувањата се Чолаку сега да ја поднесе својата оставка до привремениот претседател Илие Болојан, кој потоа ќе назначи привремен премиер.
Актуелниот лидер во изборната трка, Симион, по затворањето на гласачките места вчеравечер им се заблагодари на оние што гласале за него наведувајќи дека тоа било чин на храброст, доверба и солидарност.
Симион е поддржувач и обожавател на американскиот претседател Доналд Трамп, кој верува во неговото движење – „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA – Make America Great Again).
Инаку, 38-годишниот Симион е против воената помош за Украина и е мошне критички настроен кон раководството на Европската Унија (ЕУ), што, доколку победи на изборите, ќе го стави во редот на евроскептичните лидери на ЕУ, покрај премиерите на Унгарија и Словачка, Виктор Орбан и Роберт Фицо.