Активен е и пожарот кај село Нов Иственик кај маалото Пасјак кој гори уште од 2 август. Тој е заобиколен од сите страни и се пази да не се прошири
Пожарот меѓу Берово и Пехчево е сè уште активен, иако од Центарот за управување со кризи велат дека интензитетот е намален, таму се интервенира со авионот Ц-27 Спартан на романското воено воздухопловство. Авионот е специјализиран за гаснење пожари и има капацитет од дејствување со шест тони вода врз пожарите, а пристигна денеска во земјава.

Покрај авионот, интервенираат и од шумските стопанства од Пехчево и Берово, војници на Армијата и противпожарни служби од Берово, Скопје и Струмица. На терен има помош и од екипи на Бугарија, Словенија и Австрија, како и од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и екипи на ЕВН.
Активен е и пожарот кај село Нов Иственик кај маалото Пасјак кој гори уште од 2 август. Тој е заобиколен од сите страни и се пази да не се прошири. Се интервенира и на пожарите кај Разловци, а пожарот кај село Криви дол кон Кадрифаково е целосно изгаснат.
Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), за состојбата со пожарите до 17 часот, активни се и пожарите кај селата Дрен – Смолане и кај село Дамјан, овие пожари се ставени под контрола. Порај селото Џидимиринци пак е опожарена висока сува трева и дабова шума. Пожарот зафаќа фронт од околу 1,5 километар, а интервенираат екипи од Велес и Скопје.

„Во 13:23 часот појавен е и пожар на сува трева во атар на село Манастирец. Во гаснењето на пожарот интервенираат шест пожарникари со две противпожарни возила од Кавадарци. Пожарот во атарот на селата Раовиќ и Буковиќ е изгаснат, но поради високите надворешени температури сепак ќе останат дел од вработените од ‘Јасен’ да го обезбедуваат местото“,
информираше Марија Милкова од ЦУК.
Според последните податоци попладнево околу 15 часот е пријавен и пожар кај целото Градманци, кој се наоѓа на тромеѓето на општините Петровец – Скопје, Велес и Свети Николе. Запалена е нискостеблеста шума. Започнат е пожар и во атарот на село Жељувино.