Иако сите четири партии во владата ги одобрија зголемувањата, социјалдемократите, најголемата партија во коалицијата без која владејачкото мнозинство не може да преживее, ги критикува
Коалициската влада на романскиот премиер Илија Боложан, стара три недели, синоќа го преживеа гласањето доверба. Тоа ѝ овозможи да ги протурка непопуларните зголемувања на даноците потребни за намалување на најголемиот буџетски дефицит во Европската Унија.
Парламентот брзо го усвои зголемување на ДДВ, на акцизите и другите давачки, што треба да стапи во сила од август, со цел да се спречи намалувањето на рејтингот под инвестициското ниво и да го деблокира пристапот до фондовите на ЕУ.

Широката владина коалиција од четири проевропски партии ја презеде власта кон крајот на јуни, со што заврши повеќемесечниот политички ќор-сокак откако претседателските избори беа откажани во декември и повторени во мај.
Партиите не сакаа да се согласат со зголемувањата. Беа критикувани од работодавачите и синдикалците, а илјадници работници во јавниот сектор организираа протести.
Крајнодесничарската опозиција во понеделникот поднесе предлог за недоверба и рече дека ќе поднесе уште предлози.
Премиерот Боложан и порача на опозицијата дека ја разбира оти не се согласува со мерките предложени од Владата. Но, истовремено, ја праша и кое е решението за ситуацијата.
„Од една страна, ни беше кажано дека проблемите во економијата се сериозни, а од друга страна, дека не треба да ги преземаме овие мерки. Не можеме да ги правиме и двете,“
рече тој.
Иако сите четири партии во владата ги одобрија зголемувањата, социјалдемократите, најголемата партија во коалицијата без која владејачкото мнозинство не може да преживее, ги критикува.
„За солидна, континуирана политичка поддршка, мора брзо да исправиме некои од апсурдните работи од овој прв пакет мерки“,
рече лидерот на социјалдемократите Сорин Гриндеану.
Боложан изјави дека коалициската влада ќе направи сè што е можно за да го намали дефицитот на околу осум отсто од БДП до крајот на годината од минатогодишните 9,3 отсто.
Тоа е повеќе од почетната цел од седум отсто оваа година, а владата ќе се стреми да го приближи буџетскиот дефицит до шест отсто во 2026 година.
Според романскиот закон, даночните мерки би можеле да бидат оспорени во Уставниот суд, а опозицијата веќе најави дека ќе се обиде да го стори тоа.