Во соопштението за медиумите, партиите ја потврдија својата цврста посветеност за формирање на проевропско мнозинство во романскиот парламент, проевропска влада и поддршка за можен заеднички проевропски кандидат на претседателските избори
Четири партии во Романија постигнаа договор за формирање на прозападна коалициска влада, објавија локалните медиуми.
Коалицијата, која ќе се состои од Социјалдемократската партија (ПСД), централно-десничарската Национал-либерална партија (ПНЛ), Унијата за спас на Романија (УСР) и Демократската заедница на Унгарците во Романија (УДМР), ќе ја поддржат малцинската партија која има 19 пратенички места, објави телевизијата Антена3 повикувајќи се на нивната заедничка изјава.
Во соопштението за медиумите, партиите ја потврдија својата цврста посветеност за формирање на проевропско мнозинство во романскиот парламент, проевропска влада и поддршка за можен заеднички проевропски кандидат на претседателските избори.
На општите избори за членови на Сенатот на 1 декември, ПСД освои повеќе од 2,06 милиони гласови или 22,3 отсто.
Следуваат националистичката Алијанса за Унијата на Романија (АУР), која освои 18,28 отсто од гласовите, ПНЛ (14,29 отсто), УСР (12,25 отсто), додека екстремно десничарската партија СОС Романија имаше 7,75 отсто од гласовите. Десничарската популистичка Младинска партија и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија, исто така, го поминаа изборниот праг од пет проценти.
На изборите за Претставничкиот дом, односно долниот дом, ПСД освои 21,86 отсто од гласовите, АУР 17,92 отсто, ПНЛ 14 отсто, УСР 12,35 отсто, а екстремната десница СОС Романија 7,6 отсто од гласовите. Изборниот праг од пет проценти го поминаа и Младинската партија и Демократската заедница на Унгарците во Романија. ПСД обезбеди 86 места во Долниот дом и 37 во Сенатот, по што следуваат АУР 64 места во Долниот дом и 28 во Сенатот, додека ПНЛ има 50 места во Долниот дом и 22 места во Сенатот.
Според романскиот устав, за да се формира влада, најмалку 235 пратеници треба да ја поддржат предложената влада. Романскиот парламент се состои од два дома: Претставничкиот дом со 331 член и Сенатот со 136 членови. Но, Социјалдемократската партија (ПСД) нема доволно гласови, што значи дека ќе мора да соработува со другите политички партии за да го обезбеди потребното мнозинство за формирање влада.
Новата влада ќе треба да одреди нов датум за претседателски избори, откако Уставниот суд ги поништи изборите одржани на 24 ноември. Во првиот круг победи ултранационалистот Калин Георгеску. Претседателот на државата Клаус Јоханис тврди дека Георгеску го поддржува странска држава, односно Русија, а тоа според него го докажале доказите што ги собрале и конечно биле доставени до надлежните безбедносни и разузнавачки служби.